Почитувани,

Изминатиот викенд на ден 26.01.2025 година се одржа редовното годишно собрание на Македонската Спортска Стрелачка Федерација. На ова годишно собрание пред делегатите се даде оттчет за финансиското работење на МССФ во текот на 2023 и 2024 година, извештај од надзорниот одбор на МССФ како и Извештај од Претседателот на МССФ Јордан Тасевски кои беа едногласно прифатени и одобрени од страна на присутните делегати.

Во текот на собранието беше приложена и програмата на МССФ за плановите во натпреварувачката 2025 година, а се потенцираа и најголемите активности на раководството на МССФ, успеси на Државните репрезентативци на меѓународните натпревари, успехот на Анастасија Мојсовска на Олимписки игри во Париз 2024 како и други остварени клучни точки како и меѓународни средби со претставници на ИССФ и ЕСЦ во корист на развојот на спортското стрелаштво.

Од страна на Претседателот на МССФ беше изразена благодарност до сите присутни делегати за довербата која ја даваат. Од страна на Претседателот Јордан Тасевски беше истакнато дека во тековната 2025-та ќе се залага МССФ, клубовите и спортистите и понатаму да ги добиваат сите потребни услови за развој на спортското стрелаштво и ќе се продолжи со набавка на нова опрема, учество на натпревари, подготовки и семинари со цел остварување на уште повисоки резултати на домашните и меѓународните натпревари. Ќе се продолжат интензивните подготовки за опремување и електронизирање на просториите во спортската сала Партизан во Карпош која ќе биде наменета за национален тренинг центар за спортско стрелаштво со современа опрема и во која ќе се подготвуваме за претставување на стрелаштвото како добар домаќин на Европските младински олимписки игри кои не очекуваат во јули 2025 година.

На ова годишно и редовно собрание на МССФ беа примени и нови стрелачки клубови за рамноправни членови на МССФ а тоа беа: СК Стратила – Кичево, СК Летачка Мета – Струмица, СК Самострел – Струмица и СК Тетекс – Тетово на кои Претседателот им го честита приемот и им поска успешно работење и развивање на спортското стрелаштво како и придржување кон актите на МССФ и Законот за спорт и здруженија на граѓани.

Исто така се истакна дека МССФ како и досега ќе продолжи многу добро да соработува со Светската Стрелачка Федерација и Европската Стрелачка Федерација од кои се очекува и во иднина да го поддржуваат Македонското спортско стрелаштво. Извонредната соработка ќе продолжи и со нашите најголеми поддржувачи: Министерство за спорт, Олимпискиот комитет, Министерството за внатрешни работи и Армијата на Р. Македонија која е на високо ниво како и меѓусебната поддршка од страна на нашите спонзори и поддржувачи кои се во се поголем број поради довербата кон ова раководството на МССФ. На крајот од годишното собрание Претседателот на МССФ им се заблагодари на сите присутни делегати тренери и гости за поддршката и придонесот за популаризација и развој на Македонското спортско стрелаштво.