Почитувани,

Државното првенство за 2024 година во дисциплината олимписки трап 125 се одржа на 29 и 30 јуни 2024 година на олимпиското електронизирано стрелиште од клубот “Магнум” Богданци каде што учествуваа клубови членки на МССФ.

Државното првенство во дисциплината Олимписки трап односно пукање во 125 летечки мети кај нас попознато како пукање во глинени гулаби се одржа во два дена согласно правилата на Интернационалната Спортска Стрелачка Федерација и тоа во сабота на ден 29.06.2024 се пукаа 3 серии по 25 мети односно вкупно 75 летечки мети и во недела на ден 30.06.2024 година се пукаа 2 серии по 25 мети односно вкупно 50 летечки мети. По завршување на квалификацискиот дел во недела во финале се пласираа првите 6 стрелци кои дополнително пукаа согласно правилата на ИССФ со по еден патрон во цевка.

Со ова уште еднаш се потврди успехот и грижата на ова раководство за развој на олимпискиот трап и сите останати олимписки стрелачки дисциплини.

Државното првенство се одвиваше под водство на ИССФ меѓународниот судија за трап и скит Ристо Попов.

По финалната борба на Државното првенство на првото место се искачи Момчило Стојчев со 98+33 погодени мети од С.К “Рефлекс Шат”, на второто место Бобан Тушев од С.К “Стрелец” со 97+32 погодени мети, додека на третото место се пласира Зоран Јованов од С.К “Самострел” со 97+27 погодени летечки мети.

Во екипна конкуренција на првото место се пласира клубот С.К “Рефлекс Шат” со 279 погодени летечки мети, на ворото место С.К. “Летечка Мета” со 274 летечки мети додека на третата позиција се пласира С.К “Стрелец” со 267 погодени летечки мети.

По одржувањето на натпреварот Македонската Спортска Стрелачка Федерација наиде на голема подршка и пофалби од клубовите, стрелците и љубителите на оваа Олимписка дисциплина со цел активно да се продолжи и во иднина со поддршка од страна на МССФ и организација на што почести натпревари преку кои ќе се избираат учесници за учество на меѓународните натпревари.