Од 24 Февруари до 03 Март 2024 година во Ѓер, Унгарија се одржа Европското првенство во спортско стрелаштво со воздушно оружје во дисциплините на 10 метри.

На ова првенство имаше учесници од 41 европскa земјa, а тоа значи дека стрелачкиот спорт на високо ниво во голема мера се развива во многу земји.

Македонските натпреварувачи предводени од националниот селектор Валентина Гоџоска се прикажаа во добро светло на Европското првенство во Ѓер 2024 и имаа солидни резултати.

Така во дисциплината воздушна пушка жени во извонредно силна конкуренција, спортистката Анастасија Мојсовска оствари резултат од 619.5 кругови. Својата одлична форма Анастасија Мојсовска претходно ја потврди и на “Гранд Прих Белград 2023” каде оствари резултат од 622,6 кругови, а од истата во наредниот период се очекува да се оддвои од утврдените 622 кругови и да го зголеми својот резултат во пресрет на Олимписките игри во Париз 2024. Во оваа дисциплина беа потребни 630,1 кругови за влез во најдобрите 8 стрелци.

Вториот македонски спортист Мартин Ангелески во дисциплината воздушна пушка мажи оствари резултат од 619,2 кругови, што е под неговите оптимални можности, бидејќи пред ова првенство, на претходниот меѓународен настап оствари резултат од 624.1 кругови кој воедно беше и негов личен и Државен рекорд во оваа дисциплина. Во оваа дисциплина беа потребни 629,9 кругови за влез во најдобрите 8 стрелци што е недостижен резултат за Мартин Ангелески како кандидат за претстојните Олимписки игри во Париз 2024.

Третиот Македонски спортист Драгослав Кудрановиќ кој исто така настапи во воздушна пушка мажи оствари резултат од 604 кругови што е исто така резултат кој е над (MQS) Минималната квалификациона норма која е 595 кругови.

Уверени сме дека во наредниот период со континуиран тренажен процес на претстојните ИССФ меѓународни натпревари кои не очекуваат дека нашите спортисти ќе остварат резултат кој ќе им овозможи влез во финале за дополнителна борба за медал пред претстојните Олимписки игри во Париз 2024 г.