Одличен настап и постигнати национални и лични рекорди на македонските репрезентативци на Европското првенство во стрелаштво – GYOR 2018

Од 16 до 26 Февруари 2018 година во Унгарија се одржа Европското првенство во спортско стрелаштво GYOR 2018 во дисциплините 10 метри со воздушно оружје.

Главна карактеристика за ова Европско првенство е што тоа беше прв натпревар од календарот на на натпревари на ISSF, на кои женските натпреварувачи во воздушна пушка и воздушен пиштол се натпреваруваа по новите правила на ИССФ за жени, односно за нив натпреварите се состоеа од 60 истрели наместо претходно 40 истрели, што претставува зголемување за цели 50%, за што е потребно да се изградат дополнителни капацитети на спортистот во неговата психо-физичка и кондициона подготвеност како би можел успешно да се натпреварува по новите правила. Во такви услови не само македонските спортистки, туку и сите европски спортистки беа дополнително оптоварени на ова Европско првенство од неизвесноста каков ќе биде нивниот успех на овој прв ваков натпревар и дали истите се доволно тактички, технички, психолошки и кондиционо подготвени за натпревар со 50% поголем број истрели.

Македонските натпреварувачи предводени од националниот селектор Јордан Тасевски се прикажаа во одлично светло на Европското првенство во Гјор 2018 и имаа солидни пласмани, при што остварија неколку национални и лични рекорди:

Така во дисциплината воздушна пушка жени во извонредно силна конкуренција, спортистот Ана Ивановска оствари одличен резултат од 618.4 кругови, што претставува нов национален рекорд на Република Македонија во оваа дисциплина и нов нејзин личен рекорд. Ана на овој натпревар имаше одлични шест серии на истрели (102.3/104.1/103.8/103.6/102.4/102.2) што и овозможија пласман на 57 место. Својата одлична форма оваа година, Ана претходно ја потврди и на “Војводина Куп 2018” каде оствари резултат од 616,8 кругови. Ана Ивановска во истата дисциплина е и државен првак на Република Македонија за 2017 година.

Втората македонска спортистка Нина Балабан во истата дисциплина оствари резултат од 613,3 кругови (99,7/104.1/104.2/100.9/101.9/102.5) и пласман на 77 место, што е под нејзините оптимални можности, бидејќи само десетина дена пред ова првенство, на друг меѓународен натпревар – “Војводина Куп 2018”, Нина оствари резултат од 617.1 кругови. Во истата дисциплина одличен резултат од 600,0 кругови (97.9/102.2/99.4/98.3/101/101.2) и пласман од 81 место постигна и третата македонска спортистка Антонија Андонова Тасевска која исто така во последните месеци ја подигна својата спортска форма над „магичните 600 круга“ и на “Војводина Куп 2018” постигна резултат од 606,7 кругови, што покажува голем подем на нејзината спортска форма за само неколку месеци, како резултат на континуиран и интензивен тренинг.

На Европското првенство за влез во финалето во наведената дисциплина беа потребни 625 кругови, а златниот медал по финалната борба на 8-те најдобро пласирани го освои NIELSEN Stine – DEN со резултат од 249.1 кругови и 627,6 кругови како 2 ра во квалификацискиот натпревар. Сребрениот медал и припадна на Kataryna KOMOROWSKA – POL со резултат од 248,7 кругови и 626.5 кругови како 3 та во квалификацискиот натпревар, додека бронзата и припадна на SMEETS Manon – NED a со резултат од 625 кругови како 8 мо пласирана и во квалификацискиот натпревар.

Интересно е што во квалификацискиот натпревар на првото место со резултат од 628,4 кругови се искачи ARSOVIC Adrea – SRB која воеднo постави нов Светски и Европски рекорд но истата во финале заврши само на 7-то место.

Уверени сме дека оваа сезона и нашите спортистки Ана, Нина и Антонија ќе остварат резултат кој ќе им овозможи влез во финалето кое овозможува борба за медали.

Брилијантно дебитирање на Европското првенство имаше и младинецот Јане Џингов кој во соодветната дисциплината воздушна пушка 10 метри мажи со резултат од 602,6 кругови оствари одличен пласман на 31 место на Европското првенство GYOR 2018 и постигна нов национален рекорд во дисциплината воздушна пушка мажи 10 метри, кој е воедно и негов личен рекорд. Спорстката форма на Јане континуирано расте во изминатиот период и претходно на Војводина Купот 2018, Jане оствaри исто така одличен резултат од 600.4 кругови. Младиот Јане Џингов кој со само 16 години минатата година оствари и MQS – резултат кој му овозможува учество на Младински Олимпсики Игри во Буенос Аирес 2018 години е пример за сите млади спортисти како за само една година со систематски и макотрпен тренинг, осмислена програма и пред се целосна посветенот може да се остварат имресивни резултати во спортот и од него со право сите очекуваме во најскоре време постигнување резултат што ќе му овозможи влез во финалето и борба за медал на Европско, Светско првенство или на Младински Олимписки Игри.

На ова Европско првенство во стрелаштво GYOR 2018 во дисциплината воздушна пушка мажи настапи и спортистот Леон Јаневски кој оствари резултат далеку под своите оптимални можности од 578.1 кругови и се пласира на 68 место.