На ден 14.01.2022 година во Прилеп на 76 годишна возраст почина Стеван Крстески (1945 – 2022), човек по кој дома и во регионот се препознаваше македонското стрелаштво и кој целиот свој работен век го помина посветувајќи се на спортското стрелаштво и спортските стрелци.

Стеван Крстески е роден на 12 декември 1945 година во Прилеп. Своето образование го започнал на високата школа за физичка култура во Загреб во 1970 година, а на Факултетот за физичка култура во Сараево се стекнал со диплома како спортски тренер за стрелаштво. Работниот век и животот го поминал во Скопје во Градски Стрелачки Сојуз – Скопје и Стрелачки клуб Работнички од Скопје. Како Селектор на државната репрезентација започнува од 1970 – 1997 и од 2005 се до 2016-та година. Во неговата спортска кариера има предводено многу стрелци кои постигнале забележителни резултати на меѓународните натпревари како во поранешна Југославија така и по осамостојување на Македонија. По осамостојување на Македонија исто така како Селектор на македонскиот тим има учествувано на многу Европски и Светски првенства и речиси на сите Олимписки игри (Барселона 1992, Атланта 1996, Сиднеј 2000, Пекинг 2008, Рио 2016). Стеван Крстески има добиено многу награди, а една од нив е и наградата за животно дело доделена од Агенција за млади и спорт.