Во период од 09-14 јануари 2024 година Македонските спортски стрелци учествуваа на 30-от и јубилеен меѓународен натпревар ISSF Grand Prix Ruse кој се одржа во Руше, Словенија. Поканата за гости и учество на овој натпревар беше од страна на Претседателот на Стрелачка Унија на Словенија Г-дин Љубо Гермич во чест на долгогодишната соработка помеѓу Словенската и Македонската Стрелачка Федерација. По тој повод како активен судија кој учествуваше во спроведување на овој меѓународен натпревар во квалификациите и при контрола на стрелачката опрема беше поканет нашиот судија Димитар Димески кој се покажа во најдобро светло и на ниво на тамошните меѓународни судии.

Покрај тоа беше остварена и официјална средба помеѓу Претседателот на МССФ Г-дин Јордан Тасевски и Претседателот на Стрелачката Унија на Словенија Г-дин Љубо Гермич на која се разговараше за идните планови за соработка помеѓу двете стрелачки федерации по што меѓусебно беа доделени и плакети по повод 75 години од постоење на МССФ и 30 години јубилеј од организација на ISSF Grand Prix Ruse.

На овој висококонкурентен меѓународен натпревар нашите спортски стрелци учествуваа во дисциплината со воздушна пушка и воздушен пиштол. Во дисциплината со воздушна пушка жени настапи Анастасија Мојсовска која испука висок резултат од 620,3 кругови со серии: 105.4 103.8 103.0 103.5 101.6 103.0. Кај мажите со воздушна пушка настапи Мартин Ангелески кој испука 620,6 кругови со серии: 103.4 104.0 103.6 103.4 102.7 103.5. Од остварените резултати на Мартин и Анастасија на овој натпревар видна е нивната висока форма која е резултат на нивниот континуиран тренажен процес и редовен настап на меѓународни натпревари што е добар и висок старт за натпреварувачката сезона во 2024 година и показател дека резултатите се очекуваат да растат.

За влез во финале и дополнителна борба за медал кај мажите беа потребни 630,3 кругови додека кај жените 629,7 кругови.

На овој натпревар во дисциплината со воздушен пиштол настапија и стрелците Јордан Тасевски со резултат од 554 кругови и младиот и талентиран Христијан Стојанов кој дебитираше на еден ИССФ натпревар со резултат од 536 кругови.

Во наредниот период ќе се продолжи со отстранување на можните технички грешки кои ги имаат стрелците и утврдување на потребните дополнителни кругови за влез во финале кои стрелците ги пукаат без потешкотии на своите тренинзи, а со цел утврдување на повисок резултат пред учество на Европското првенство кон крајот на февруари 2024 во Гер, Унгарија.