Почитувани, во период од 24 до 25 ноември 2023 г. нашите стрелци Анастасија Мојсовска со воздушна пушка, Драгослав Кудрановиќ со воздушна пушка и Марија Шиндева со воздушен пиштол настапија во Тирана на стрелиштето „Реџеп Рама“ по трет пат на еден натпревар во Албанија. Меѓусебната соработка беше воспоставена пред неколку години за прв пат по инцијатива на Претседателот на Албанската Стрелачка Федерација Г-дин Стефан Рруфа, а нашите стрелци беа предводени од Претседателот на МССФ Јордан Тасевски и Џеват Исени еден од членовите на Управниот одбор на МССФ . Натпреварот кој се одржа беше во рамки на денот на независноста, а Албанската Стрелачка Спортска Федерација го одржа Купот „ПАВАРЕСИЈА“ на кој учествуваа тимови на Албанија, Македонија и Косово. Нашите стрелци на натпреварот освоија први места во две категории и тоа Драгослав Кудрановиќ во дисциплината воздушна пушка 60 мажи со испукани 616,5 кругови кој воедно е и негов личен рекорд и Анастасија Мојсовска со воздушна пушка 60 жени со резултат од 615,6 кругови. Во дисциплината со воздушен пиштол жени пак настапи младата јуниорка Марија Шиндева која погоди 519 кругови за која ова беше прв натпревар надвор од границите на Македонија.
На посебна церемонија, во присуство на Претседателот на Олимпискиот комитет на Албанија Г-дин Фидел Или, беа поделени дипломи за спортистите додека Претседателот на МССФ Јордан Тасевски по повод 75 години од постоењето на МССФ додели плакети како благодарност за соработката и поддршката на Македонското стрелаштво на Претседателот на  Албанската Стрелачка Спортска Г-дин Стефан Рруфа и Претседателот на Косовската Стрелачка Федерација Г-дин Гезим Хазролли. Во меѓусебен разговор Претседателите на трите федерации во иднина договорија континуирана меѓусебна соработа со цел подобар развој на спортското стрелаштво во овој регион и поддршка на досегашните одлични резултати на младите спортисти со цел постигнување на уште поконкурентни резултати на европско и светско ниво во областа на спортското стрелаштво.