На ден 13.03.2022 на платото пред базата на Специјалната антитерористичка единица ,,Тигар“, во касарната „Илинден“, во присуство на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, заедно со највисокото раководство во МВР, како и високи претставници од Владата и Генералштабот на Армијата, полициски аташеа при амбасадите во земјава, семејствата на загинатите припадници на Единицата и бројни гости, соработници и пријатели на Специјалната антитерористичка единица ,,Тигар“ при Бирото за Јавна безбедност во МВР, присуствуваше и Претседателот на МССФ Јордан Тасевски на свеченото одбележување на 41-ата годишнина од формирањето на Специјалната антитерористичка единица „Тигар“.
Претседателот на МССФ во разговор со високи претставници на МВР истакна благодарност за поканата и повеќедецениската извонредна соработка со повеќе единици на Министерствотo за внатрешни работи која ќе се продолжи да се гради и во наредниот период со взаемна поддршка во делот на спортското стрелаштво.
Командантот на САЕ „Тигар“ Митко Даневски во своето обраќање рече: ,,Следејќи ги светските трендови, новите форми на дејствување на организираните криминални групи, радикализмот и насилниот екстремизам, а со цел да се даде ефикасен одговор преку спречување на истите, САЕ ‘Тигар’ континуирано се усовршуваше и модернизираше, за денес да можеме да кажеме дека Единицата претставува високопрофесионална, организирана и врвно опремена формација во рамки на МВР и безбедносниот систем во државата. Особено сакам да го истакнам фактот дека припадниците на САЕ ‘Тигар’ се одликуваат со висок степен на подготвеност, мотивираност и силна посветеност во извршување на своите задачи, а посебно место во историјата на нашата единица имаат припадниците, кои извршувајќи ја својата должност, на првите борбени линии, го дадоа и најдрагоценото – ги положија своите животи“.
Командантот Даневски порача дека САЕ„Тигар” беше и продолжува да биде чувар на уставниот поредок на државата, во борбата против тероризмот и организираниот криминал, гарантирајќи ги мирот, слободата и безбедноста на сите граѓани на нашата држава.
Во текот на свеченоста официјалните делегации им оддадоа почит на загинатите припадници на САЕ „Тигар“, положувајќи цвеќе на Спомен плочата, а беа доделени признанија, благодарници за соработниците, јубилејни плакети за 5, 15, 20 и 30 години во службата на припадници на Единицата, како и признание за најдобриот припадник за изминатата 2021 година, а присутните имаа можност да погледнат една тактичко-показна вежба на припадници на „Тигар“, насловена: „Упад во објект од воздух и копно“.