Почитувани љубители на спортското стрелаштво

На ден 27.11.2021 година во воздушното стрелиште во Битола, се одржа III-от КУП од натпреварувачката сезона во 2021 година, со воздушен пиштол и воздушна пушка, во машка и женска конкуренција – меѓународна програма. За прв пат еден натпревар во Македонија официјално се одржа на електронски мети со што може официјално да кажеме дека натпреварите ќе се одржуваат по стандарди на ИССФ, а стрелците веќе имаат можност да се натпреваруваат на софистицирана најнова опрема која е идентична како на меѓународните натпревари.

На натпреварот имаше голем број на спортисти од клубовите и тоа мнозинство од младите категории што е за пофалба бидејќи настапија околу 60-тина стрелци од повеќе клубови кои постигнаа солидни резултати, а сето тоа под строги мерки за заштита од КОВИД-19 согласно Протоколот за спортско стрелаштво одобрен од Комисијата за заразни болести.

Ви ги претставуваме најдобро пласираните стрелци во секоја категорија:

Кај девојките овој пат во категорија воздушна пушка – жени на првото место повторно се искачи Анастасија Мојсовска од С.К “Стрелец” со 612,6 кругови, до неа на втората позиција беше Лилјана Илиева од С.К “Кавадарци” со погодени 604,6 кругови додека на трето место беше Магдалена Ристеска од С.К. “Херој Прилеп” со 604,4 кругови. Исто така од С.К “Херој Прилеп” во оваа категорија Ирина Јованоска се пласира на четвртата позиција со резултат од 603,3 кругови додека на петто место се пласира Јована Милевска од С.К “Охрид” која погоди 601,9 кругови.

Во категорија воздушна пушка – мажи на првата позиција заслужено се искачи Мартин Ангелески со резултат од 611,5 член на С.К “Херој Прилеп”. На втората позиција се пласира Бојан Спасеновски од Ж.С.К “Лихнидос” со погодени 603,4 кругови, а до него на третата позиција со резултат 601,4 беше Ненад Антиќ од С.К “Велес”.

Во категорија воздушен пиштол – мажи Борјан Бранковски од С.К “Стрелец” убедливо го освои првото место со испукани 563 кругови.

Во категорија воздушен пиштол – жени првото место го освои Оливера Наковска Бикова од С.К “Работнички” со 557 кругови пред Дијана Георгиевска од С.К “Стрелец” која погоди 538 кругови и Вероника Велковска од истиот клуб со резултат од 537 кругови. На четвртата позиција се пласира Валентина Гоџоска од Ж.С.К Лихнидос со резултат 525 кругови.

Остануваат насоките до клубските тренери да продолжат со редовен систематски тренажен систем проследен со континуирани подготовки и настапи на меѓународните натпревари за да очекуваме наскоро Македонските стрелци со леснотија да учествуваат во финалињата на меѓународните натпревари.