Македонија го доби третиот учесник на Летните Олимписки игри во Токио објави Македонскиот Oлимписки Kомитет. Тоа е Борјан Бранковски од спортско стрелаштво кој ќе настапи во дисциплината 10 метри воздушен пиштол мажи 60 истрели додека натпреварот според програмата на Олимписките игри ќе биде на 24 Јули 2021 година.
Овој голем успех на Борјан Бранковски воедно е голем успех за спортското стрелаштво и за Македонија. Истиот доаѓа од Стрелачки клуб “Стрелец” – Скопје од каде што произлегуваат многу стрелци од сите категории и дисциплини кои исполнуваат високи резултати и олимписки норми, а посебно во дисциплината воздушен пиштол која е далеку потешка дисциплина за разлика од воздушна пушка. За прв пат на Олимписките игри ќе учествува спортски стрелец во дисциплината воздушен пиштол.
Oвој успех немаше да биде остварен без поддршка на Македонскиот Олимписки Комитет, Агенцијата за млади и спорт на Р. Северна Македонија, Македонската Спортска Стрелачка Федерација и неговиот клубски тренер Јордан Тасевски со кој макотрпно заедно тренираат речиси 10 години. Борјан Бранковски е докажан стрелец кој покрај тоа што бил повеќе кратен државен првак и рекордер на Македонија истиот остварил и претходно високи резултати на меѓународните натпревари.
Тренажниот систем како и активностите за подготовки и контролни натпревари во наредниот период ќе продолжат со позабрзано темпо од што се очекува подобрување на својот резултат и борба за пласман во финалната борба. Во финалната борба учествуваат најдобрите 8 пласирани стрелци од квалификациониот натпревар кои дополнително се натпреваруваат со дополнителни 24 истрели.
Уште еднаш упатуваме честитки до Борјан Бранковски, нека има мирна рака и бистро око во неговиот прв настап на Олимписките игри!