Можеби е мал бројот на оние што знаат дека во нашата држава егзистира еден спорт, и тоа Олимписки, стрелање глинени гулаби или летачки цели. За одржување на натпреварите во него е потребно и специјално опремено стрелиште со робот-машини што ги исфрлаат целите. Кај нас единствено такво стрелиште е „Магнум“, лоцирано во непосредната близина на Богданци.
– Да се одржува едно вакво стрелиште е навистина тешко. Но ние, благодарение на ентузијазмот, се бориме и ги совладуваме проблемите. „Магнум“ е нешто препознатливо за нашиот крај и не сакаме забот на времето да го уништи – вели Ристо Попов, еден од легендите во стрелачкиот спорт, инаку меѓународен судија во стрелање летачки цели.

Популарниот Ицко или Ице, како што го нарекуваат во овие наши јужни предели, има интересна биографија. Во минатото беше стрелец без некои поголеми резултати, но затоа, пак, подоцна стана меѓународен судија, кој, меѓу другото, како арбитар беше присутен на шест светски првенства. Ова е она што се однесува за спортскиот, а за оној работниот век од животот треба да се каже дека Попов почна како снимател во тогашното ТВ Скопје, а заврши како цариник.
– Бев асистент-снимател и учествував во снимањата на секојдневните емисии, но, исто така, и на неколку проекти режирани од познатите мајстори на овој занает, режисерите Вељо Личеноски, Душко Наумовски, Димитрие Османли. Но иако бев вљубен во камерата, сепак, животот ме одведе на друга страна и подоцна се вработив како цариник. Како богданчанец, пак, уште од младоста ме привлекуваше природниот амбиент кај стрелиштето „Магнум“, кое често го посетував со моите другари. Се чини дека токму таа љубов од младоста го стори своето, па, еве, и денес сум тука и се грижам стрелиштето постојано да е во добра „кондиција“ – вели Ристо Попов.

ПРВ ВОДАЧ НА МАКЕДОНСКАТА РЕПРЕЗЕНТАЦИЈА

Ристо Попов особено беше заинтересиран за стрелање т.н. глинени гулаби (летачки цели), кое во олимписката програма е вклучено со три дисциплини – трап, скит и двоен трап.
– Во оваа пригода би ја раскажал само кратката приказна како е дојдено да се стрела во глинени гулаби, летачки цели. Имено, кога на кралските стрелишта во Англија кај стрелците ќе се покачел адреналинот, тие безмилосно стрелале во птиците, од кои најмногубројни биле гулабите. Така, при една таква стрелба, еден ранет гулаб со скршено крилце долетал на балконот од кој кралицата го следела стрелањето. Во тој момент таа толку се натажила што веднаш наредила да се прекине со стрелбата. Оттогаш, живите цели се заменети со специјално изработени глинени гулаби, со што практично се родил еден нов спорт, кој потоа станал многу популарен, а од 1912 година е сместен и во олимписката програма – вели Попов.

Овој детаљ беше само вовед за да се види како стрелањето глинени гулаби, кое го нарекуваат и кралски спорт, станало многу популарно и стигнало до олимпијадите. А за тоа како егзистира и се развива во нашата држава, компетентен е да каже токму Ристо Попов, кој веќе десетина години се појавува на сцената и како судија. Интересно е да се истакне дека тој беше и првиот водач на нашата репрезентација на нејзиното деби на меѓународната сцена во 1988 година, на Балканијадата во Кипар.
– Овој настап предизвика големо интересирање кај спортската јавност, зашто мал беше бројот на оние што знаеја дека стрелањето на глинени гулаби егзистира и кај нас. Но морам да кажам дека голема заслуга за развојот на овој спорт има тогашниот претседател на Федерацијата, Ристо Мицков, кој имаше голема поддршка и од Васил Христовски, Коста Поцков и Климе Батунков. Мицков беше навистина вреден спортски работник, кој не се штедеше и даваше сѐ од себе за напредокот на стрелачкиот спорт.

Јас бев изненаден кога ми соопштија дека најдобро ќе биде јас да ја водам репрезентацијата на Кипар, оти како цариник ги знаев сите процедури и протоколи за минување на границата, зашто, сепак, се работеше за префрлање оружје и муниција во друга земја. Со грчките колеги немавме проблеми, дури од нивна страна ни беше обезбедена и придружба до солунскиот аеродром, од каде што полетавме за Кипар. Практично, тој настап беше и првото меѓународно искуство. Тогаш, а и во годините подоцна покажавме дека имаме талентирани стрелци. Некои од нив, како на пример Јордан Христовски и Драган Рапиновиќ, беа рамноправни со ривалите од другите земји и постигнуваа добри резултати. Овој дебитантски настап ни овозможи да стапиме во директен контакт со првите луѓе на Балканската и на Меѓународната федерација, што за нас беше од голема корист – вели Попов.

НАМЕСТО ЧЕСТИТКИ – КРИТИКИ

По враќањето од Кипар, токму како резултат на средбите со челните луѓе на Светската стрелачка федерација, особено со Гркот Петрос Кирицис, Попов доби покана да присуствува на семинарот за судии во Солун.
– Таму, на мое изненадување, бев меѓу најдобрите и успешно го минав семинарот. Оттогаш почнаа да доаѓаат покани за судење на многу натпревари, па, така, во мојата биографија е запишано оти сум судел на шест светски првенства, од кои две одржани во пустинскиот дел, на песочно стрелиште во Дубаи. Таму имавме големи маки, особено кога ќе дувнеше ветер, очите ни се полнеа со песок, па, така, мораше да интервенира дежурната медицинска екипа, кај која одевме да ни ги „исплакне“ очите. Но и тоа беше еден интересен момент од натпреварот. Инаку, морам да кажам дека во Емиратите овој „кралски“ спорт е многу популарен, дури еден од синовите на главниот емир, на Олимпијадата во Пекинг, во 2008 година, освои златен медал токму во стрелање летачки цели – вели тој.

Попов судеше и на две европски првенства и повеќе гранпри-турнири. Меѓутоа, на патот кон пробивот во елитните судии тој имаше многу пречки. За чудо, најголемите доаѓаа токму од неговата матична, македонска федерација.
– Кога станав меѓународен судија и добив лиценца, дојдов во Федерацијата да ги известам дека, еве, и ние имаме меѓународен судија во еден олимписки спорт. Но, на мое изненадување, наместо честитка, бев пречекан на „нож“, како да сум направил којзнае каков престап. Иако сам се финансирав и вложував средства за мое усовршување, челните луѓе во Федерацијата, кои не презедоа ама ништо за развојот на стрелањето летачки цели, ме искритикуваа велејќи ми: Кој ти дозволил да одиш да полагаш за меѓународен судија. Им реков: Кога вие не преземате ништо, морав сам да го сторам тоа. Така, не можејќи, од пуста љубомора, да се помират со фактот оти имам лиценца за меѓународен судија, наместо пофалба, бев искритикуван. Но, за жал, ова го сторија некои луѓе недоволно упатени во стрелачкиот спорт. Не беа тие од ковот како на еден од најистакнатите поранешни претседатели Ристо Мицков. Сега, со промената во Федерацијата, откако дојдоа вистински луѓе, предводени од Претседателот Јордан Тасевски, состојбите во стрелачкиот спорт многу се сменија.

Сега и Агенцијата за млади и спорт многу повеќе е вклучена во развојните проекти, што дава надеж дека овој спорт може да напредува. Новото раководство на Македонската Спортска Стрелачка Федерација има слух за целокупниот развој на стрелаштвото во нашата држава, вклучувајќи ја тука и грижата за одржување на веќе постојните објекти. Во стрелиштето „Магнум“ продолжуваат активностите, роботите за исфрлање летачки цели се обновени и на него повторно ќе може да се организираат натпревари. Но не е само тоа, стрелиштето има и стратегиско значење, бидејќи го користи за обука на полицијата и на армијата. Така, тоа се претвора во еден идеален тренинг-центар – вели Ристо Попов.

Ицко не мирува, продолжува со своите активности. И натаму често е меѓу судиите на меѓународните натпревари, а секој слободен миг го користи да биде во „Магнум“, зашто, како што вели, тука, на стрелиштето секогаш има работа.